Ковид состојбата во Велес станува сериозна и полоша од минатиот месец, бидејќи бројот на новозаразени постојано е во пораст. Ваква оценка денеска утврди Кризниот Штаб за заштита и спасување на триесет и втората седница. Според епидемиолозите и докторите овој сој на вирусот многу побрзо се шири, побрзо се развива и предизвикува компликации кај заболените лица. Особено е алармантна состојбата кај младите кои дружејќи се во угостителските објекти, без почитување на заштитните мерки, лесно го шират вирусот меѓусебе и го пренесуваат на  семејствата. Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција информираше дека кризниот штаб даде препорака за намалување на работното време на угостителските објекти.

„Упатувам апел до граѓанките и граѓаните на Велес, да се почитуваат заштитните мерки и протоколите на министерството за здравство, да се носат заштитни маски, да се држи растојание и да се избегнуваат групирања на повеќе луѓе. Ова особено важи за младите кои дружејќи се во кафетериите се реална опасност за ширење на вирусот и во нивните семејства“, рече Коцевски.

Според податоците од Центарот за јавно здравје во Велес, до вчера биле регистрирани вкупно 3.842 ковид пациенти, од нив 3.360 се оздравени, активни се 365 лица. Од нив 322 се на домашно лекување, 43 се згрижени на инфективното одделение во болницата.

На инфективното одделение во велешката болница до утрово се хоспитализирани вкупно 57 ковид пациенти и тоа 41 на инфективното одделение и 16 во модуларната болница. Во болницата има уште 42 слободни кревети.

Во јавните институции состојбата со ковид е добра но значително се зголемил бројот на позитивни ученици и наставници во општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ и во ОЈУДГ „Димче Мирчев“. Во клоновите на градинката има две деца позитивни на вирусот и 68 во изолација, 7 воспитувачи во изолација и 12 негователки во изолација.

Во изминатиот период СВР Велес поднел 265 прекршочни налози за неносење на маски, а отворени се и три пункта за контрола во време на полициски час и тоа на влезот на градот кај бензинската пумпа, на Шорка и кај Пашин Мост.