Состојбата се смирува но нема простор за опуштање. Ваква оценка денеска беше донесена на триесеттата седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес. Во општината вкупно  се регистрирани 2127 заболени од Ковид-19 од кои 1297 се оздравени а 761 се активни. Од овие граѓани 691 се позитивни и се на домашно лекување, 63 се лекуваат на инфективното одделение во општа болница Велес, еден на торакална хирургија и шестмина во приватни клиники. Досега како последица на Ковид-19 во Велес починале 69 лица.

„Има промени на дневна основа, но вирусот е распространет широко и затоа не може да се лоцираат кластери со исклучок на семејни и соседски жаришта што се појавија во Горно Оризари, Мелница и Градско. Од податоците што ни се во моментов достапни денес се регистрирани 30 нови оздравени лица“, рече Коцевски на денешната прес конференција.

Притисокот попушта речиси во сите здравствени институции каде се третираат и лекуваат пациенти заразени или сомнителни на Ковид-19. Во болницата моментално има 20 слободни места, а во моментов се завршуваат градежните зафати околу модуларната Ковид болница што ќе биде поставена на хелиодромот над инфективното одделение на велешката болница.

Како горлив проблем кој веќе неколку месеци се провлекува е тријажниот центар кој се уште не е отворен. На него инсистираат матичните лекари а во него би требало да се третираат сите сомнителни пациенти на Ковид-19 без да доаѓаат во контакт со останатите пациенти кои доаѓаат во здравствените амбуланти.

„Се уште нема конкретно решение за тријажниот центар. Се состанале директорите на јавните здравствени институции и матичните лекари но нема решение. Потребно е внимателно да се анализира ситуацијата бидејќи за отворање на таков ценатр се потребни дозволи од министерството за здравство и санитарно-здравствениот инспекторат“, рече Коцевски.

Не е драматична состојбата и во Јавните претпријатија во градот како ниту во образовните институции каде не е многу голем бројот на заразени лица од Корона вирусот.