Состојбата со Ковид–19 во Општина Велес е аларманта, нема простор за опуштање, но според епидемиолозите се очекува во наредниот период да се намалува бројот на инфицирани граѓани, рече на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски. Вкупната бројка на пациенти сместени на инфективното одделение и на дел од интерното во болницата, е 69, од кои 53 се позитивни а другите се уште не се потврдени. Утрово биле регистрирани 12 оздравени граѓани на Велес.
„Според она што денеска беше изнесено на седницата на Штабот за заштита и спасување, во општата болница во Велес, состојбата е крајно сериозна, на инфективното одделение има само уште два слободни кревети, а во функција е ставено и дел од интерното одделение каде се сместуваат пациентите со полесна клиничка слика. Интензивно се подготвува и одделението за физикална терапија која деновиве ќе биде уште еден Ковид центар“, рече градоначалникот Коцевски.
На денешната прес конференција тој истакна дека Општина Велес ќе испрати барање до Генералштабот на АРМ со цел да се стават на располагање дел од вработените на АРМ за потребите на болницата. Тие ќе бидат ангажирани за транспорт на кислородните концентратори и на влезот и излезот на болницата без да имаат каков било контакт со пациентите.
Матичните лекари бараат под итно да се отвори тријажен центар за пациентите со симптоми на Ковид, за да се намали притисокот врз нив. Ќе се бара соодветен простор во кој ќе има лабораторија и рентген каде пациентите првично ќе добијат здравствена услуга.
Градоначалникот Коцевски информираше дека поради топлото време деновиве кое ќе ги изнесе граѓаните надвор, ќе се дезинфицираат летниковците и патеките на Езеро Младост. Тој сепак упати апел до граѓаните, да се придржуваат кон предвидените мерки за заштита.
Инаку во ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“, Ученичкиот интернат „Лазар Лазаревски“, основните и средните училишта има седум ученици позитивни, 93 се во изолација, 10 наставници се позитивни, а 20 во изолација.