Акција за пошумување ќе се одржи на опожарениот дел од локалитетот Езеро Младост на 12 декември (сабота) доколку дозволат временските услови или на 19 декември (сабота), при тоа почитувајќи ги сите мерки за заштита од КОВИД-19. Ваква одлука донесе Координативното тело за преземање на активности за реализација на опожарениот дел од локалитетот Езеро Младост на последната онлајн седница одржана на 18.11.

На денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски информираше дека подготвителните активности на терен и обработката на почвата ќе ги изврши ШС „Бабуна“, а додека организациските активности, односно набавката на садниците ќе ја реализира Општина Велес.

,,Од Буџетот на Општина Велес и донаторската сметка се обезбедени средства за набавка на 12.000 садници на багреми кои ќе се посадат на површина од 10 до 12 хектари. На седницата на Координативното тело се изрази и огромно задоволство од резултатите од акцијата за пошумување што се одржа на 27 декември минатата година кога беа засадени 13.700 садници и речиси сите опстанаа, што ретко се случува“, рече Коцевски.

Тој упати апел до сите добронамерни граѓани, вљубеници во природата, да земат активно учество во акцијата за пошумување и со засадување на неколку дрвца да придонесат во обновувањето на природата во нашиот град.