Со симболични пораки за стоп на насилството врз жени и девојчиња испишани на торбички, шалчиња и беџови кои подмладокот на Организацијата на жени Велес ги поделија на случајните минувачи пред платото на театарот „Џинот“, заврши кампањата против семејното насилство во Велес. Кампањата ја реализираше Организацијата на жени со поддршка на Општина Велес и Комисијата за еднкави можности помеѓу мажите и жените при Советот на Општина Велес.

„Секоја жена има право да биде заштитена со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. За нас, родово базираното насилство врз жени не завршува денес туку продолжува и во наредниот период што доаѓа“, рече Мирјана Трајкова, претседателка на Организација на жени Велес.

Целта на кампањата е да се зајакне јавната свест за проблемот на семејното насилство и да поттикне нови идеи, предлози и активности во борбата против оваа негативна општествена појава.

Под мотото „Обединети за крај на насилството врз жени и девојчиња“, Организацијата на жени успешно ја реализираше кампањата „16 дена активизам борба против семејно насилство.