По двегодишна пауза, вечерва започна 18. Издание на Инетрнационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ 2021 година. Под отворено небо, од сцената на Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет Стоби, топло добредојде на присутните гости и учесници на фестивалот им посакаа Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски и директорот на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ Велес.

„Интернационалниот фестивал Стоби е вистинска реткост не само на Балканот туку во европски и во светски рамки затоа што се многу ретки фестивалите кои негуваат антички драми и тие се едни од највредните наследства на цивилизацијата од минатото. Сега да им го препуштиме подиумот на уметниците, а вам да ви посакам пријатни мигови низ фестивалските денови“, истакна Коцевски.

„Благодарен сум Ви вам драга публико заради кои ние постоиме, благодарен сум на министерството за култура, на Општина Велес и општествено –одговорните компании кои ја препознаа вредноста на овој фестивал. Ви посакувам успешни фестивалски денови“, истакна Димоски.

Фестивалот започна со премиерната изведба на трилогијата „Орестија“, копродукција меѓу театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и Националната опера и балет. Претставата ја подготвуваа четворица режисери, двајца кореографи и тројца композитори, изградена е од четири претстави, оригиналните три трагедии, кои ја чинат трилогијата и сатирската игра.

Во наредните фестивалски денови следуваат претставите „Орестија 1/4“, дел од проектот Chorus, продукција на МКЦ Скопје, „Протеј, парче сеќавање кое недостасува“ исто така дел од меѓународниот проект „Chorus“, продукција на Театар Ам Ленд од Грац, Австрија, „Бахки, краток преглед на распадот“ – продукција на НТ Битола, „Исмена“, техничка копродукција на НТ Џинот Велес, „Едип:коментари“ – премиера на НУЦК Ацо Шопов, Штип.

Покрај официјалната селекција, во рамки на годинешното издание на ИФАД Стоби ќе биде промовирана и фестивалската публикација „Нова античка драма“, издание на „полица“, ќе биде поставена изложбата „Вита“ од Филип Петковски, а во соработка со Кинотека Македонија ќе биде прикажан, под отворено небо, циклус филмови на Бранко Гало.

Програмата на ИФАД Стоби ќе се реализира на археолошкиот локалитет Стоби, во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и во Шато Сопот.