При денешната посета на градскиот стадион „Зоран Паунов” во Велес, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, го најавија почетокот на градежните работи за реконструкција на стадионот.

Во името на Советот на Општина Велес, спортските работници,  на ЖФК „Борец“ и ФК „Борец” и сите граѓани, градоначалникот Коцевски изрази благодарност до Агенцијата за соработката и истакна дека стадионот ќе биде во согласност со меѓународните стандарди.

„Вложувањето во спортот и спортската инфраструктура е од голема важност. Преку инвестирање и максимална поддршка овозможуваме поголема достапност на спортот за сите, како и поголемо искористување на спортските капацитети” изјави Каевски, кој  се заблагодари на сите вклучени страни за досегашната одлична соработка и најави дека градежните работи е предвидено да траат осум месеци. „Се надевам дека динамиката на изведување на градежните зафати ќе се одвива побрзо и стадионот ќе биде подготвен за летната фудбалска сезона. Вкупната инвестиција изнесува 12.200.000,00 денари со вклучен ДДВ.”

Коцевски и Каевски изјавија дека во следниот период ќе се заложат стадионот да добие соодветно осветлување, согласно стандардите на ФИФА и да се реконструира потпорниот ѕид. Проектот предвидува замена на кровниот покривач и на внатрешната столарија со нова од ПВЦ, поставување на термоизолациона фасада и реконструкција на дел од подовите во соблекувалните. Со проектот се обезбедува  набавка на опрема за наводнување на фудбалскиот терен и нов систем за  користење на соларна енергија за затоплување на вода за туширање. Ќе се постави заштитна настрешница за излез на спортистите од соблекувалните до стадионот, ќе се пренамени веќе постоечки објект во тоалети за посетителите, а постоечките трибини ќе бидат реконструирани. На дел од стадионот ќе биде поставена метална ограда, а за новинарските екипи е предвидена изградба на две платформи кои ќе се користат за снимање  на спортските натпревари.