Покрај информациите што Општина Велес ги објави во текот на вчерашниот ден за успешната соработка со компанијата „ПАКОМАК“- Скопје која додели уште 15 нови контејнери за отпадно стакло, поставени на 15 нови локации, Општина Велес започна и со распределбата на канти за отпад за 2020 година.

На денешната прес конференција, градоначалникот Аце Коцевски информираше дека се набавени 1660 канти во зелена и во жолта боја, за комунален и за селективен отпад. Веќе се распределени над 500 канти на улиците „Љубљанска“, „Борис Трајковски“, „Крсте Мисирков“, „Јордан Хаџи – Константинов –Џинот“, сателитската населба на езеро Младост и во село Новачани.

Во Новачани, како што рече градоначалникот, за првпат е воведена услуга за собирање на отпад која жителите ќе ја добиваат двапати неделно. Во завршна фаза се и подготовките за поставување на подземни контејнери. „Извршен е избор на економски оператор за изградба на 5 подземни контејнери на 4 локации во градот, со што се очекува влијанието на отпадот во урбаната средина да се намали, а животната средина да се унапреди“, соопшти Коцевски.