„До сега се земени 350 брисови, од кои 36 се потврдени позитивни на Covid-19 вирусот, а овие бројки се во рамки на очекувањата”, информираше на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Во случај на зголемување на бројот на пациенти кои треба да бидат згрижени во здравствените институции, градоначалникот Коцевски информираше дека во ЈЗУ Општа болница  – Велес се преземаат темелни подготовки за прием на потенцијалните пациенти, како и дека болничките капацитети се зголемуваат и на располагање се става горниот спрат од Инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница – Велес.

„Доколку има потреба за згрижување на уште поголем број пациенти, на располагање е ставено и Одделението за физикална терапија, кое е подготвено со сите потребни елементи, а како трета опција е и Болницата во Јасеново со еден павиљон”, додаде Коцевски.

Во моментов е згрижено 21 лице, од кои 11 се позитивни на Covid-19, а 10 се непотврдени. Три лица се со лесна клиничка слика, додека 18 со потешка, а едно лице е испратено на понатамошно лекување на Инфективната клиника во Скопје.

Во изолација е и едно медицинско лице од Велес кое е позитивно потврдено на Covid-19, информираше градоначалникот Коцевски.

Во Итната медициска помош е обезбедена посебна просторија за прием на пациенти кои се сомнителни на Covid-19, со цел заштита на другите пациенти кои се во истиот момент во тој објект, како и превенција од ширење на заразата, додека пак здравствените работници и помошниот персонал кога ќе одат на теренска посета  ќе бидат подготвени и заштитени со целосна заштитна опрема.