Заврши тендерската постапка за избор на изведувач на работите за изградба и уредување на регионалното инклузивно игралиште на езерото Младост, информираше Градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција.

„Овој значаен проект е еден од првите во државата кој овозможува услови за игра и рекреација на децата и младите со попреченост“, рече Коцевски

Проектот насловен „Инклузивен туризам – рекреативни содржини и услуги за еднаков  пристап до туристичката атракција Езеро Младост“ е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа, во рамки на Грантова шема за инвестициски проекти во областите на социјална инклузија. Од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа се обезбедени 8.914.935 денари.

На парцелата која се наоѓа веднаш до екокампот финансиран од ЕУ кој е во финална фаза на изведба до крајот на мај годинава  ќе се изгради и опреми инклузивно игралиште со две тактилни патеки и реквизити соодветни за користење од страна на деца и лица со попреченост и од страна на сите посетители од земјата и од странство.

Проектот вклучува и подготовка на регионален план за социјална инклузија како и изработка и поставување на платформа со која лицата со попреченост ќе можат да влезат во водите на езерото Младост под надзор на стручни лица.