Почитувани,

Општина Велес ја известува јавноста дека од денес, 14 април 2020 година започнува со изведба на градежни работи за проектот „Одведување на отпадни води од комплексот ‘ВЕЛ СИТИ‘” во должина од 430 метри.

Градежните работи, во кои ќе биде вклучена и механизација за работа (градежни машини, камиони и друга механизација) го опфаќаат просторот од излезот на градилиштето „ВЕЛ СИТИ”, помеѓу тротоарот и оградата на касарната „Алексо Демниевски Бауман”, покрај заштитната ограда и главниот влез на касарната, позади споменикот на  Панко Брашнаров, потоа покрај атмосферскиот канал под касарната, до кошаркарското игралиште кај „Симпо” и позади кулата, до приклучокот на постоечката шахта за фекална канализација над салонот „Симпо”.

Во зависност од временските прилики, градежните работи ќе се изведуваат во траење од околу шеесет денови.

Просторот каде ќе се одвиваат градежните работи ќе биде одбележан со  предупредувачка лента, а ќе се постави и сигнализација со соодветни знаци за работа.

Општина Велес упатува апел до жителите од овој дел на градот за внимателно движење (да го избегнуваат делот од тротоарот каде ќе се изведуваат градежните работи) и внимателно управување со моторните возила, а воедно и апел за разбирање и трпеливост во временскиот период на изведување на градежните работи.

Со почит,

Општина Велес