Информациите во врска со работењето и преземањето активности на институциите за заштита од Ковид-19, како и заклучоците произлезени од дваесет и шестата седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на денешната прес конференција ги презентираше градоначалникот Коцевски.

Тој посочи дека во моментот во ЈЗУ Општа болница – Велес има 54 кревети на располагање, но дека капацитетот брзо се пополнува.

Поради актуелната состојба со Ковид-19, вработените во ЈЗУ Здравен дом – Велес имаат зголемен обем на работа и дека институцијата располага со доволен број на заштитни одела и заштитна опрема за вработените.

Матичните лекари се соочуваат со сè поголем наплив на пациенти, при што не можат целосно да ја следат ситуацијата на инфицираните лица со лицата со кои веќе оствариле контакт.

Претставниците од МВР – СВР Велес редовно ги извршуваат работните задачи и во моментот вршат проверка на 215 лица кои се наоѓаат во изолација.

Тековно се извршуваат и работните задачи и во АРМ, Центарот за управување со кризи, како и во Територијалната противпожарна единица.

Просторите пред главните влезови на филијалите на банките се констатирани како ризични локации, па затоа ЈКП „Дервен”, покрај редовното дезинфицирање е задолжено да врши и вонредни дезинфицирања, исто како и на другите јавни простори, парковските површини и детските игралишта. Во ова претпријатие се потврдени четири случаи на лица позитивни на Ковид-19.

Во врска со понатамошното работење и функцинирање на општинската администрација, градоначалникот Коцевски соопшти дека дополнително ќе бидат разгледани и утврдени начините за работа, согласно препораките на Владата. „Едно лице вработено во општинската администрација е позитивно на Ковид-19, едно е со симптоми и уште едно е во изолација”, рече Коцевски.

Во образовните инситуции процесот на едукација се одвива според објавените протоколи од страна на Министерството за образование и наука. „Еден ученик е позитивен на Ковид-19, а во изолација се 22 ученика, од кои две се дечиња од ОЈУДГ ‘Димче Мирчев’. Во изолација се и пет наставници, а еден вработен во техничка служба е позитивен на Ковид-19”, истакна градоначалникот Коцевски.

Воедно, Градоначалникот упати благодарност до сите здравствени работници за личното и професионално вклучување во борбата со пандемијата предизвикана од Коронавирусот.