На покана од Полскиот институт за меѓународни работи, од 25 до 30 ноември годинава, Градоначалникот Аце Коцевски престојува во работна посета на Република Полска.

Во рамките на посетата која ќе биде реализирана со претставници на македонски, украински и албански општини и институции ќе биде разгледано досегашното искуство на земјите од Вишеградската група во спроведувањето на секторските реформи и усогласувањето на националното законодавство со законодавството на ЕУ.

Платформата покрива тематски приоритети како што е енергетската сигурност, меѓусебната кохезија со институциите на ЕУ, врските на државите од Западен Балкан со Источното партнерство, поддршката за развој, животната средина, проектирањето како и прашања поврзани со ромската заедница, миграцијата, транспортот и други теми.

Во агендата на работната посета се и средбите со градоначалниците на полските градови Згорзелец и Јеленија Гора, како и посета на градовите Варшава и Вроцлав – Полска, Горлиц – град во германската сојузна држава Саксонија и Маршалската канцеларија на Војводството на Долна Шилезија.

Работната посета ќе овозможи директен увид во најдобрите пракси за евроинтеграции на локално и регионално ниво, реализирани во Полска од страна на министерствата, општините, регионалните центри, европските тела и граѓанскиот сектор.