По најавата за протест и блокирање на  улицата „Алексо Демниевски“ од страна на сопствениците на бизниси на потегот од почетокот на улицата до Ликовниот Салон, денеска градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција  ја извести јавноста дека нема да отстапи од цврстиот став на општината за почитување на законот кој забранува паркирање на улицата.

„Група граѓани соственици на бизниси на потегот од почетокот на  улицата до ликовниот салон се обратија со барање општината да го смени режимот на сообраќај, да ги стесни сообраќајните ленти за да има коловозна лента за паркирање. По консултација со стручните служби и СВР -Велес ние доставивме повратен одговор на 27 декември. Во нивниот допис стоеше дека доколку ние не постапиме така како што бараат ќе организираат континуирани протести со блокирање на сообраќајницата секојдневно. Нивното барање не е оправдано. Ние одлучивме да опстоиме на нашиот цврст став кој е во согласност со Планот за одржлива урбана мобилност и во согласност со законската регулатива, особено со Законот за безбедност во сообраќајот“, рече Коцевски. Тој изрази разочараност од фактот што еден дел од нашите сограѓани без да ги знаат прописите, без да видат како е тоа регулирано во други држави си дозволуваат со иронија и посмев да зборуваат за новите сообраќајни  решенија. „Јас сум длабоко убеден дека времето ќе покаже колку тие решенија се исправни. Очекуваме до пред изборите да го донесеме Деталниот урбанистички план  кој ќе ни овозможи да започнеме со постапка за изградба на катна гаража до местото каде што се наоѓа  бифе скара „Хајдук“. Кога ќе ја изградиме катната гаража и кога за неколку месеци ќе почне да функционира зонското паркирање , мислам дека се ќе си дојде на свое место. Во овој момент одговорно тврдам дека безбедноста на учесниците во сообраќајот, особено на дечињата кои минуваат на пешачките премини е значително зголемена . Возачите и досега ако ги знаат законите, требаше да знаат дека на 10 метри до пешачките премини е забрането паркирање, забрането е паркирање и во близина на крстосници како што е случајот со местото за кое  се бунат граѓаните и најавуваат протести.

Тој ги потсети организаторите на протестот дека треба да ја почитуваат Одлуката на Советот за дотур на стока и овие активности да ги извршат согласно законот, без да ги паркираат возилата на непрописно место. Како што нагласи Коцевски, согласно законската регулатива, на градска, магистрална  и на собирна улица каква што е „Алексо Демниевски“ не е доволено паркирање.