На денешната прес конференција, градоначалникот Коцевски го искажа својот став во врска со инцидентот кој се случи на собирот пред Црна Џамија изминатиот викенд и потенцираше дека „градот Велес и во минатото и денес е израз на соживотот и сплотеноста на граѓаните од различни етнички заедници и вера”.

Непромислените изјави кои не се во прилог на соживотот, мирот и безбедноста на жителите на Велес се голем ризик, особено во ова време кога сите заеднички, секојдневно се соочуваме со заканата на заразата со вирусот Ковид-19, рече Коцевски.

„Добро е што лицето јавно се извини за кажаното, но  лично го молам и него и сите граѓани да се воздржат од вакви непромислени изјави кои можат да имаат далекусежни последици за граѓаните и на локално и на национално ниво.

Секој од нас е лично одговорен за колективното добро, а кога е во прашање доброто на целата локална заедница навистина треба да промислиме пред јавно да искажеме нешто, особено на социјалните мрежи каде информациите брзо се шират и се споделуваат” додаде градоначалникот Коцевски и побара од МВР – СВР Велес да направи темелна истрага со што ќе се провери дали овој настан бил предходно најавен и дали се преземале соодветни мерки за да не дојде до несакани дејствија.