На денешната прес конференција Градоначалникот Аце Коцевски ја извести јавноста за актуелната состојба настаната по поплавите од поројните дождови кои зафатија делови од Општина Велес во текот на минатиот викенд.

„Ова е најголемата поплава што ја погодила Општина Велес, по онаа од 1974 година”, истакна Коцевски.

Припадници на Територјалната противпожарна единица – Велес (ТППЕ), екипи на ЕВН и ЈКП Дервен, од рано утрово се на терен и ги расчистуваат наносите од песок и земја по улиците, како и од другите оштетени делови во погодените подрачја.

Комисии за проценка на штети на индивидуални имоти и објекти во текот на денешниот ден извршија увид, а ќе продолжат и во текот на утрешниот ден, по што ќе следи соодветна интервенција за санирање на штетите.

Градоначалникот Коцевски изрази загриженост и за настанатите штети на повеќе куќи, карактеристични по својата архитектура и градба од велешкото поднебје кои се заштитени со Закон и прогласени за Споменици на културата.

Тој, исто така истакна и  дека по завршување на проценката на штета ќе биде обезбедена и соодветна финансиска помош за дел од погодените од невремето според законските можности кои одредуваат колкава финансиска помош може да додели Градоначалникот. Коцевски повторно упати апел ЕВН Македонија, како општествено одговорна компанија, да помогне на семејството на исчезнатиот сограѓанин во надојдените води во село Белештевица.

Невремето предизвика големи оштетувања на повеќе улици, како во населбата Превалец, така и во околните места, а под мостот во населба Превалец насукани се дрвја и гранки кои ќе бидат расчистени во текот на утрешниот ден. Оштетени се колу 200 метри од фекалната канализација во населбата.

Коцевски ја потенцираше мудрата одлука на раководството на ЈПВ Лисиче кои одлучиле во вечерните часови на 8 август 2020 година (сабота) да не ја испуштаат водата од акумулацијата, па поради тоа водата од поројните дождови била задржана во истата и не придонела до настанување на поголеми штети.