Од вкупниот број на активни случаи, пет се наоѓаат на болничко лекување на инфективното одделение во ЈЗУ Општа Болница, Велес, а 23 лица се на домашно лекување.

Од почетокот на месец август до денес забележани се 19 нови позитивни случаи, 11 оздравени лица, а нема починати.

Градоначалникот Коцевски ги пренесе и останатите информации од дваесет и втората седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Во Општата болница во Велес која сè уште работи во услови на пандемија, но со проширени активности во другите одделенија, има хоспитализирано 16 пациенти, двајца од нив се негативни и еден не е потврден, пет од вкупниот број на хоспитализирани се од Велес, а другите 11 од Кавадарци.

Во текот на вчерашниот ден еден пациент жител на Кавадарци и еден на Свети Николе со потешка слика се препратени на третман во Клиниката во Скопје, информираше Коцевски.

Три медицински сестри во моментот од велешката болница се на испомош во Градската Општа Болница „8 Септември” во Скопје.

„Модуларните Ковид-амбуланти, треба да се распределат во 16 општини низ земјата. На Велес му се доделени вакви модуларни елементи со капацитет од 33 болнички легла. Во наредниот период ќе се бара решение како да се завршат инфраструктурните работи за да може да дојде до монтирање на елементите. Локацијата која е одредена за оваа намена е парцелата веднаш до хелиодромот над ЈЗУ Општа болница, Велес”, истакна градоначалникот Коцевски.

Во редовите на здравствените работници и помеѓу припадниците на Министерството за внатрешни работи од Велес, нема инфицирани од Ковид-19.

„Одговорните во МВР – СВР, Велес вршат контрола на однесувањето на 32 лица кои имаат Решение за самоизолација, а во досегашниот период нема поднесени кривични пријави за непочитување на мерките за изолација. Од 8 август до денес поднесени се 109 прекршочни платни налози поради неносење на заштитни маски”, рече Коцевски.

Општинската Организација на Црвен крст – Велес во периодот меѓу двете седници ОШЗС подели 85 пакети кои се донација од УНИЦЕФ, 70 од нив се поделени во Општина Велес и 15 во Општина Градско.

„Поделена е и донација од шест необично големи пакети за социјално ранливите категории од наш иселеник, кој во моментов е во Германија. Најавени се и 30 пакети донација во храна од семејството на господинот Етовски, кој по потекло е од село Мелница, кој донираше и претходно 40 пакети со храна. Додека пак четири пакети со храна и средства за хигиена се поделени на семејствата кои беа погодени од поплавниот бран во населбата Превалец” рече Коцевски.

Информацијата од ЈКП „Дервен” во врска со пазарите е дека истите функционираат нормално и има помал број на купувачи.

Дефектот на водоводниот систем во село Иванковци е отстранет, а во наредниот период ќе се направат сите неопходни зафати за да се приклучи новиот бунар од кој сега фабриката „Маркарт” користи вода за полевање на зелените површини во село Караслари, со што ќе се обезбеди дистрибуцијата на вода.