Подобрување  на квалитетот и безбедноста на локалните патишта, подобрување на пристапот на граѓаните до објектите од јавен интерес, зајакнување на капацитетите на општините за управување со локалните патишта, рехабилитација на локалните патишта за да се подобри нивниот квалитет, безбедност и отпорност. Ова се само дел од компонентите на Проектот  за поврзување на локалните патишта финансиран со заем од Светска банка, во вредност од 70 милиони евра.

Денеска во седиштето на Владата, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски и Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, потпишаа Меморандум за разбирање. Со ова и официјално Велес се вклучи во проектот кој ќе се реализира на подрачјето на општината и ќе овозможи подобра патна инфраструктура за граѓаните.

Општината заедно со граѓаните ќе ги избере приоритетите за подобрување на локалните патишта и зајакнување на безбедноста на патиштата. За успешно спроведување на проектот предвидени се обуки за стручните службеници во општините, како и користење на нови алатки за следење на состојбите на локалните патишта. Општина Велес веќе работи на предлог-листа на локални патишта кои се приоритет за рехабилитација со цел да се подобри животот и мобилноста на граѓаните во градот и во населените места.