Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во посета на средните стручни училишта во Велес. Заедно со Градоначалникот Коцевски присуствуваа на отворениот ден на средното стручно „Коле Неделковски“ и на средното стручно „Димитрија Чуповски“. Имаа можност да се запознаат со образовните профили што ги нудат овие две училишта, особено струките кои се дел од дуалното образование и кои предизвикуваат сѐ поголем интерес кај деветтоодделенците.
„Сакам особено да ги поздравам претставниците на бизнис заедницата односно на компаниите кои прифатија да бидат дел од дуалното образование, практичната настава да се реализира во нивните компании. Јас лично мислам дека покрај потребата учениците да се запишуваат во Гимназиско образование за да продолжат со високото образование, иднината е во средните стручни училишта, ова е вистинскиот пат, особено со дуалното образование. Користам прилика да и честитам на упорноста на министерката и да и се заблагодарам за поддршката што ни ја дава“, рече Коцевски.
Министерката Царовска ја истакна значајната улога на стручното образование за развојот на државата.
„Сметам дека на овој начин ќе стигнеме до еден степен на поквалитетно стручно образование сѐ со една цел да го вратиме сјајот на стручното образование од една страна и од друга страна,полесно ќе ги носи учениците до вработување и до поголема шанса да се запишат на високо образование, посебно на техничките факултети. И третата работа што е значајна со средното стручно образование, е што го развива претприемачкиот дух кај учениците кои понатаму можат да основаат и сопствени компании и да станат вработувачи а не само вработени“, рече Царовска.
Во средното стручно училиште „Коле Неделковски“веќе трета година се спроведува дуалното образование каде учениците својата практична настава ја реализираат во компаниите со кои училиштето има склучено договор. Од оваа учебна година дуално образование се спроведе и во средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“. За секој ученик што ќе се запише на овие паралелки, министерството за образование обезбедува стиппендии во висина од 3.500 денари, за девет месеци додека трае наставата.