По укинувањето на полицискиот час, вработените во МВР се фокусирани на местата каде што се собираат поголем број граѓани, осбено младите како и на излетничките места, соопшти денеска градоначалникот Аце Коцевски.

Од 22 до 28 мај издадени се 123 прекршочни платни налози за непочитување на пропишаните мерки за носење на заштитни средства. Во моментов МВР контролира 71 лице од кои 53 заради нивните контакти со инфициран, 17 пациенти позитивни на Ковид 19  кои се на домашно лекување и еден пациент кој е во самоизолација.

Во државни карантини во други градови се сместени 20 велешани, а во државниот карантин во „Монтенегро“ се сместени 76 лица од други градови од државата. Забележано е особено вчеравечер, по отворањето на кафулињата дека поголеми групи на млади луѓе во кафулињата и на повеќе локации во градот воопшто не ги почитуваат мерките за носење заштитна опрема и социјална дистанца и оставаат купишта смет околу себе.

„Која е логиката да не работат училиштата кога младите и во вакви услови не ги почитуваат мерките?“, рече Коцевски.  На денешната прес конференција тој упати апел до Министерството за внатрешни работи да обезбеди човечки ресурси и да ангажира позорникари.

Воедно тој  упати апел до родителите на младите да преземат поголеми мерки за контрола и советување на младите во услови на Ковид 19. Поради нефункционалноста на постојниот систем со комунални редари, градоначалникот смета дека е непоходно со децентрализацијата да се воведе комунална полиција која ќе биде задолжена за одржување на јавниот ред и мир и хигиената во општините.