Општина Велес деновиве доби потврда дека мерките и проектите што ги реализира во областа на сообраќајот и безбедноста на граѓаните вродија со плод. Имено, по извршените анализи и сумирање на резултати за 2020 година, Министерството за внатрешни работи – СВР –Велес утврди дека во Велес значително е намален бројот на сообраќајни незгоди во кои учесници се пешаци. Сега тие се побезбедни при преминувањето на пешачките премини како и додека се движат по тротоарите низ градот.

Според податоците од СВР Велес речиси е преполовен бројот  на  сообраќајни незгоди во кои настрадале пешаци. Изминатава година  имало 25 вакви несреќи наспроти 40, што се случиле во  2019 година и 35 во 2018.

„Оваа позитивна промена се должи на тоа што поставивме опрема пред пешачките премини и метални столбчиња за заштита на тротоарите и на тој начин спречивме непрописно паркирање и брзо возење на критичните точки на главната сообраќајница“, рече Градоначалникот Коцевски.

Во изминатиот период општината постави  столбчиња на над 15 улици  во градот меѓу кои и централното градско подрачје. Овие мерки се  усогласени со Планот за одржлива урбана мобилност во кој безбедноста на пешаците и велосипедистите е на прво место.

Врз основа на постигнатите успешни резултатати СВР Велес ја поттикна општината да продолжи со поставување на столбчиња и на улиците  „Љубљанска“ од Пекара „Ќоше“ кон ООУ „Блаже Конески“, од двете страни на улицата „Лазо Осмаков“ и на улицата „8 ми Септември“ од левата страна на тротоарот наспроти паркинг просторот под Градски саат.

„Продолжуваваме со овие мерки со кои докажано се зајакнува безбедноста на граѓаните-учесници во сообраќајот, особено пешаците“, истакна Коцевски.