Во соработка со Здружението на љубители на велосипедизмот „Велес бајкинг” и младинскиот велосипедски клуб МВК „Велес”, вечерва Општина Велес организираше ноќна велосипедска рекреативна тура насловена „Bike2Night” („Вози велосипед вечерва”).

Оваа активност е дел од проектот R2M – „Ready to Move” („Подготвени за движење”), со кој Општина Велес оваа седмица ја одбележува Европската недела на мобилност. Проектот го подготви тим од општината, а финансиски е поддржан од Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ). Од 16 до 22 септември, секој ден се реализира по една активност.

Дваесетина волонтери од партнер организациите на проектот и уште толку граѓани ја извозеа патеката од центарот на градот до езерото Младост и назад, во вкупна должина од 20 км, со што го промовираа велосипедот како алтернативно превозно средство и дадоа акцент на здравиот живот.

Проектот ќе биде заокружен на 22 септември (недела) со реализација на завршниот настан кога ќе се одбележи Денот без автомобили.

Општина Велес ги повикува сите заинтересирани да се приклучат кон активностите, а детали за истите може да се најдат на интернет страната на општината и на социјалните медиуми.