„Разочарување за мене како градоначалник е што сè уште има граѓани меѓу нас кои несовесно и неодговорно се однесуваат кон урбаната и воопшто животата средина” изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, кој изрази загриженост што најчесто младите луѓе покажуваат крајно неодговорно однесување и фрлаат отпадоци по јавните површини и немаат чувство за јавните простори кои им припаѓаат на сите граѓанки и граѓани на Велес.

„Ниту една комунална служба не може да постигне да ја одржува хигиената во ситуација кога граѓаните континуирано создаваат нови диви депонии низ градот. Комуналните редари и комуналната инспекторка не можат да постигнат да ги санкционираат сите оние кои ја загадуваат животната средина, затоа ве молам да посветите внимание на просторот околу вас. Секоја клупа, секој парк, секоја улица е изградена со вашите пари, со парите на граѓанките и граѓаните на Велес. Многу е нелогично да ја уништуваме животната средина и да го загадуваме нашиот јавен, заеднички простор” рече Коцевски.

Воедно, градоначалникот ги повика жителите на Општина Велес сите прекршоци и загадувањето на животната средина да ги пријавуваат на официјалната интернет страница на Општина Велес, во делот „пријави проблем“.

Исто така Коцевски се заблагодари на граѓаните кои преку групи на социјалните мрежи објавуваат информации за проблемите со загадувањето и непрописното постапување со комуналниот отпад и уништувањето на урбаната опрема, додавајќи „Сепак, Ве молам да ја искористите и можноста да ги пријавите на официјалната интернет страница на Општина Велес овие проблеми. На овој начин сите ќе се вклучите во заштитата на сопствениот животен простор и ќе придонесете за јакнење на јавната свест особено кај децата и младите”.

Коцевски потенцираше дека лично ќе се заложи надлежните служби веднаш да постапат по секоја пријава и во најкраток рок да ги санкционираат несовесните сограѓани. А, претставниците на медиумите и граѓанските организации ги повика активно преку своите медиуми или портали на социјалните мрежи да ги споделуваат информациите за можноста за пријавување на случаи на официјалната интернет страница на Општина Велес за загадувањето на животната средина и  уништувањето на урбаната опрема, со цел заеднички да се придонесе кон зајакнување и зголемување на колективната свест кај сите жители на општината.