На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја извести јавноста дека  на последната седница на Владата која се одржа на 10 февруари 2020 година беше донесена Одлука за преотстапување на трајно користење без надоместок на Јавно здравствена установа Општа болница Велес на објектот на улица „Наум Наумовски“ (зградата на поранешниот Диспанзер).

„Локацијата е со површина од 770м2 и штом ќе ги добиеме потребните документи треба да донесеме одлука за рушење на стариот објект кој е надвор од употреба и на тоа место да овозможиме времено паркирање и да обезбедиме околу 60 паркинг места, со што сериозно ќе го ублажиме проблемот со недостатокот на паркинг места во овој дел од градот, кој е густо населен” изјави Коцевски.

Со промената на Генералниот и Деталниот урбанистчки план на соседната локација која е со површина од 670м2 е предвидено подземно паркирање и изградба на катна гаража. Во името на жителите на Општина Велес, градоначалникот Коцевски ја изрази благодарноста до Владата, која по скратена постапка ја донесе оваа одлука.