Општина Велес денес ја организираше традиционалната Новогодишна свеченост, на која беа презентирани подвизите и успесите и беа наградени најуспешните поединци за 2019 година.

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, во своето новогодишно обраќање даде осврт на сработеното во текот на 2019 година и ги презентираше плановите за работата на општината за следната, 2020 година.

„Општина Велес е општина без долгови. Континуирано, со посветена работа се обидуваме да ја вратиме Општина Велес на мапата на најуспешните, на лидерите и на општини кои се пример за останатите. Со вработените во општинската администрација, успеавме да го сториме токму тоа” рече Коцевски.

Коцевски укажа и на недостатоците во системот и ги соопшти предизвиците со кои една општина се соочува. Но, исто така ги потенцираше и успесите, кои се продукт на тимската работа и посветеното работење.

Во своето обраќање, градоначалникот Коцевски упати јавна благодарност и до поддржувачите, партнерите и донаторите на Општина Велес, од локално, национално и меѓународно ниво.

Во духот на претстојните празници традиционално Општина Велес објави конкурс за најуспешна празнична илуминација. Со одлука на Комисијата, наградата за најубаво уреден осветлен излог им се додели на бутиците „Орбис“, “Зик зак” и „БРОНКС“.

Наградата за најубаво уреден – осветлен објект – двор се додели на Борче Велковски за уредувањето на двор на улица „Ристо Попов“ бр. 5 во населба Превалец и на Андреј Анастасов за објект-двор на улица „Орце Шутев“ бр. 13.

Наградата за најубаво уредена осветлена тераса се додели на Станбено деловен објект „Атлантис“ со украсување и осветлување на сите тераси на улица „Раштански пат“ бр.14.

Годинава за најдобри мали екологисти за 2019 година беа прогласени ООУ „Рајко Жинзифов“ од Долно Оризари, прво место, а второпрогласено беше ООУ „Блаже Конески“. Наградените добија телевизор и прочистувач на воздух од непрофитното друштво „Нулта Отпад“, а наградите ги додели Марјан Дамески, управител на „Нулта отпад-Скопје“. Пофалници добија ООУ „Васил Главинов“ и ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев“.

На новогодишната свеченост беа наградени најдобрите средношколци и студенти за 2019 година. Стипендии за најдобри средношколци добија: Паола Кадиева, Наталија Купенкова, Кристина Кочова, Викторија Јовева, Тамара Коцевска, Благоја Савевски и Христијан Киров.

Општина Велес додели и стипендии на најуспешните студенти: Маја Костадиновска, Драгана Кичукова, Виктор Игнов, Ана Трајчева, Сандра Ташковска, Марија Ѓорѓиевска, Изабела Апцева, Борис Димитриевски, Тамара Савевска и Леонид Миланов.

Ученикот Матеј Гелев од ООУ „Блаже Конески” беше прогласен за најталентиран млад научник, а солистката Јелена Илиќ, ученичка во средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје беше прогласена за најталентиран млад уметник во областа на музичката уметност.

За најуспешен менаџер во областа на образованието во 2019 година беше прогласен директорот на ООУ „Блаже Конески“, Јованче Манасков.

На свеченоста за најдобри административни службеници беа прогласени седуммина службеници вработени во Општина Велес: Снежана Дервишова, советник и Веса Смилева, соработник во Одделението за изградба и одржување на комуналната инфраструктура, Славица Переска, раководител на Одделението за инспекциски надзор, Билјана Шуркова Манаскова, раководител на Одделение за заштита на животна средина и инспектор со овластување, Пепита Стојковска, советник во Одделението за финансиски прашања, Ивица Тасевски, самостоен референт во Oдделението за информатичка технологија и Тоше Панов, работник на приемен пулт во општината.

Четворица административни службеници кои годинава слават јубилеј, две децении работа во Општина Велес беа наградени со пригодни награди: Јовче Митковски, Самостоен референт за надоместок за уредување на градежно земјиште, Снежана Манасиева, Самостоен референт даночен книговодител, Лили Велковска, Советник за подготвување на буџет и Елизабета Јовчевска, Секретар на Општина Велес.

Наградата за најдобар работник на Велес за 2019 година ја доби Никола Јованов, вработен во секторот Комунална хигиена во ЈКП „Дервен“.

Командирот на вод во Територијалната противпожарна единица, Димче Јованов беше прогласен за најдобар пожарникар во Велес за 2019 година.

Игор Јовановски ја прими наградата за најдобар работник во Секторот за внатрешни работи-Велес, додека пак наградата за хуманист на годината ја доби Ресул Асанов кој цели 34 години несебично дарува крв.

Наградата за најуспешен активист за правата на животните во 2019 година ја доби Виктор Мазнев, кој седум години работи на полето на правата на животните и досега успеал да им го подобри животот на неверојатни 900 бездомни животни.

За своите спортски подвизи, наградата за најуспешен кајакар ја доби врвниот спортист-кајакар, Љубомир Спасиќ.

Граѓанскиот активист, неуморниот борец за чиста животна средина и претседател на ЕГ „Грин Пауер“, Игор Смилев, годинава беше прогласен за најуспешен граѓански активист на Велес.

Во чест на наградените настапија децата од ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, наградената Јелена Илиќ во гитара придружба на Михаил Петковски, а свеченоста беше заокружена со музичкиот настап, концертот на маестралниот гудачки секстет на Пламенка Трајковска.