Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, денес направија увид на градежните работи со кои населените места Раштани и Бузалково добиваат нов водоснабдителен систем.

„Овој проект го договаравме со градоначалникот Коцевски претходно и денес на наше обострано задоволство присутни сме на неговата реализција. Како министерство се заложивме и работиме на изградба на канализации и водоводи во места каде за жал сè уште не постојат, а граѓаните и општините се снаоѓаат барем да обезбедат доволно услови за живеење. Впрочем, тоа е наша должност, на локалната и централната власт”, изјави за медиумите министерот Сугарески.

„Оваа значајна инвестиција е од витално значење од која бенефит ќе имаат околу 1 500 жители на населените места Раштани и Бузалково, а се реализира со средства добиени преку Министерство за транспорт и врски, односно преку проектот ‘Водоснабдување и одведување на отпадни води’, преку Европската инвестициона банка”, истакна градоначалникот Коцевски.

Вкупната должина на цефководот изнесува 10 094 метри, износот за реализација е 30.090.909, 00 денари (без вклучен ДДВ), додека пак рокот за изведба е осум календарски месеци.

Воедно, министерот Сугарески потенцираше дека комуналните услови во градот значително се подобруваат бидејќи  во меѓувреме активно се работи на реконструкција на водоводи и канализации на 12 улици во Велес и дека преку Министерството за транспорт и врски за Општина Велес се обезбедени 1,2 милиони евра за санација и реконструкција на локални патишта и  улици.