Годинава се навршуваат 30 години од изградбата на Филтерната станица, значаен јубилеј што Јавното комунално претпријатие „Дервен“ свечено го одбележа во кругот на фабриката. На настанот присуствуваа поранешни директори и раководители на претријатието кои целиот свој работен век го посветиле на обезбедување здрава и кавлитетна вода за пиење за граѓанките и граѓаните на Велес и околните населени места. Актуелниот директор на комуналното претпријатие, Антон Јовиќ се осврна на времето кога се градел Хидросистемот „Лисиче“ и фабриката за обработка на вода.

„Фабриката за обработка на вода за пиење е изградена во 1991 година. Во фабриката суровата вода што се доведува од хидросистемот „Лисиче“ се обработува низ неколку хемиски и технолошки процеси, се тестира нејзината микробиолошка и хемиска исправност  и се пласира во градската дистрибутивна мрежа. Капацитетот на фабриката за производство на вода изнесува 300 литри во секунда“, рече Јовиќ.

Триесет годишниот јубилеј од постоењето на филтер станицата на вработените на ЈКП „Дервен“ им го честита и Градоначалникот Аце Коцевски.

„Изразувам голема благодарност до сите вработени за вложениот труд уште пред 30 години да се изгради Хидросистемот и Филтер станицата со што се обезбеди квалитетна вода за пиење за сите граѓанки и граѓани на Велес и населените места. Но сепак сакам да потенцирам дека не треба да се запоставува системот на рени бунарите, бидејќи тоа е единствената алтернатива за снабдување со вода за пиење во градот и населените места“, рече Коцевски.

Со истата динамика како и досега Јавното претпријатие „Дервен“ ќе продолжи и годинава кога планира да инвестира околу 40 милиони денари сѐ со цел да обезбеди уште поквалитетни услуги за жителите на Велес. За да се намалат загубите на вода претпријатието ќе продолжи со поставување на водомери на системите за наводнување, јавните чешми и фонтаните. Ќе обезбеди SCADA систем за контрола, управување и мониторинг со дистрибутивниот водоснабдителен систем а ќе обезбеди и лабораторија за микробиолошки преглед на водата.

На свеченото одбележување на јубилејот присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Велес, Кирил Гајдов и советничката Пандорка Лазаровска Прличкова.