Денес во просториите на Општина Велес, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, одржа состанок со претставниците на Локалниот Економски Совет (ЛЕС), директорите на средните општински училишта, претставници на спортските здруженија и на Агенцијата за вработување.

Целта на работниот состанокот беше да се утврдат образовните профили кои средните општински училишта планираат да ги понудат на идните деветоодделенци за следната учебна година. Заложбите на Општина Велес се да се понудат струки и профили на учениците кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот, атрактивни и кои ќе им донесат сигурно вработување на лицата по завршувањето на средното образование.

Претставниците од бизнис заедницата дискутираа за потребата која што тие ја имаат, за дуалното образование кое е многу актуелно во светски рамки и кое функционира и во Велес, конкретно во ССОУ „Коле Неделковски” каде што учениците истовремено ја следат наставата во училиштето и потоа посетуваат пракса во одредени компании. Исто така се разгледа можноста данокот на додадена вредност на компаниите во приватна сопственост да биде претворен во финансиска поддршка за спортските клубови.

На состанокот беа претставени и идеите за новите решенија на Генералниот урбанистички план за град Велес (ГУП), каде присутните произнесоа свои видувања и споделија идеи за конкретна намена на одредени површини во градот.
Средби слични на оваа ќе има и во иднина, на кои заинтересираните граѓани и претставници на бизнис заедницата ќе можат да ги претстават идеите за дефинирање на Генералниот урбанистички план за град Велес, најави градоначалникот Коцевски.