Денес, 18 мај 2020 година, градоначалникот на Општина Велес, Коцевски, одржа состанок со работната група сочинета од претставници на установи и институции во врска со работењето на двата пазара во Велес.

Новина е дека од петок 22 мај, во Градскиот пазар се отвораат два дополнителни влеза и се дозволува продажба и на непрехранбени производи. 

Со цел почитување на пропишаните мерки за заштита на јавното здравје и запазување на редот и безбедноста на граѓаните, ќе се изготви протоколарен распоред за поставување на тезгите за продажба на непрехрамбени производи-текстил, железарија, ковачи, грнчари и др.

Исто така, ќе се зајакне контролата на носење заштитни маски, држење на пропишаната физичка дистанца и доколку е потребно ќе се ангажира и физичко обезбедување од Агенција за обезбедување на имоти и лица.

Позорникарите-полицајци во соработка со комуналните редари од Општина Велес ќе спроведуваат контрола на терен во врска со неовластената продажба на просторот пред и околу двата пазари во Велес.

Работната група, констатираше дека сеуште не се создадени услови за отворање на Малиот, затворен пазар во Нова населба.

Големиот пазар останува со работно време од 06 до 13 часот секој ден во неделата.

Општина Велес ги замолува граѓаните за совесно и одговорно однесување кога станува збор за придржување кон пропишаните мерки, зошто само така ќе го сочуваме сопственото и јавното здравје и што поскоро ќе ја надминеме корона кризата.