Највредните и најуспешните поединци и годинава беа наградени. На свечена манифестација, со почитување на сите мерки за заштита, Општина Велес ги награди најталентираните ученици и студенти, највредните и најуспешните поединци за 2020 година.
Како и во изминатите години и годинава, наградувањето започна со најмладите екологисти. Како најуспешни беа прогласени најмладите од ООУ „Рајко Жинзифов“ од село Долно Оризари, тие го понесоа првото место. Второто место им припадна на екологистите од собирниот центар од ОО „Блаже Конески“, но не помалку вредни и заслужни се и најмладите екологисти од Детската Градинка „Димче Мирчев“ со освоено трето место.
На денешната свеченост, Општина Велес им ги додели стипендиите на најталентираните ученици и студенти за учебната 2020/2021 година.
За најдобри средношколци годинава беа прогласени десет средношколци: Мартин Голчев, Вероника Гијовска, Кире Џунев, Ребека Манева, Сара Крстиќ, Јовица Димовски, Тамара Коцевска, Викторија Јовева, Роберто Андов и Наталија Купенкова. Претседателот на Комисијата за стипендирање на талентирани ученици и стипендисти им ги додели одлуките за стипендирање.
„Ви посакувам успех и во понатамошното учење, студирање и во иднина и во Вашата кариера“ им порача Пренџов.
За најуспешни студенти годинава беа прогласени Изабела Апцева, Леонид Миланов, Бојана Кацарова, Љубенка Ордева, Ана Трајчева, Виолета Иванова, Драгана Кучукова, Виктор Игнов, Цветанка Ацева и Сандра Ташковска. Стипендиите им ги врачи претседателот на Советот на Општина Велес, Ќирил Гајдов.
„Ќе ви честитам со една реченица: Каква младина има една општина, таква ќе и биде и иднината“, рече Гајдов.
Успех во понатамошното учење и студирање им посака и градоначалникот Аце Коцевски.
„Посакувам тоа што го постигнавте во 2020 година да Ви биде мотив и во 2021 година. Да биде мотив и за другите ваши врсници и тие да постигнуваат врвни резултати на секое поле“, рече Коцевски.
На свеченоста награди им се доделија и на истакнати поединци во својата област.
Наградата за најдобар комунален работник на Велес за 2020 година, Општина Велес му ја додели на Нафит Муртезани, вработен во Секторот Комунална хигиена во ЈКП „Дервен“. Наградата ја добива за 18 години посветена професионалност во извршување на сите доверени задачи.
Наградата за најдобар пожарникар годинава ја доби Кире Диковски, пожарникар во Територијалната противпожарна единица, препознатлив како хуман и храбар професионалец кој смело се справува со огнената стихија, спасувањето на човечки животи и имотот на граѓаните.
Најуспешен полициски службеник за 2020 година е прогласен Стојанче Јовановски. Наградата ја доби за бескомпромисната борба со криминалот, професионализмот, посветеноста и одговорноста во извршување на работните задачи.
Со својата посветеност, професионалност и грижа за јавното здравје, годинава, во услови на пандемија, се истакна др. Бојан Тодоровски. Наградата му се доделува за граѓанин заслужен за професионален и несебичен ангажман во Општинскиот кризен штаб за 2020 година.
Наградата за спортски успех, годинава му се додели на Фудбалскиот клуб „Борец 1919“ за постигнати високи клубски резултати во областа на фудбалот во 2020 година.
За посебен придонес во развојот на филмската уметност, за препознатливост и афирмација на Велес во земјата и странство, Општина Велес повеќе од заслужено, му го додели признанието за најуспешен во областа на културата во 2020 на креативецот Данчо Стефков, независен продуцент и филмски монтажер.
Наградата за хуманист на годината, постхумно му е доделена на најголемиот од големите, хуманистот Ангел Ќиров. Во негово име наградата ја прими претседателката на ОО на Црвен крст Велес, Милица Ристовска Темелковска.
За сите волонтерски хуманитарни акции, за сите доблести кон сограѓаните, Општина Велес го награди и прогласи Филип Иванов за Филантроп за 2020 година.
Здружението на граѓани Акцијаш- ветерани ја понесе наградата за најактивно волонтерско здружение за 2020 година.
Годинава наградата за најдобар административен службеник е прогласена Маријана Нешова, самостоен референт, книговодител. Наградата ја добива за 20 годишната посветеност во финансиското работење на Општина Велес.