На денешната прес конференција Градоначалникот Коцевски го презентираше ставот на Општина Велес за изградбата на Цементарницата во кругот на каменоломот „Техно Павер“ во населбата Превалец. Општина Велес изготви Мислење кое ќе биде доставено до Министерството за животна средина.

„На 10 март  беше одржана средба во мојот Кабинет со новиот сопственик на инсталацијата, кој изјави дека во моментот се води постапка на пренесување на сопственоста, кој ја претстави својата намера и новата инвестиција – цементарница која треба да се изгради во кругот на инсталацијата – каменолом во населба Превалец. За Општина Велес како зесегнат орган во постапката е нејасно зошто се брза со доставување на Известувањето за намера кое е потпишано од сегашниот управител на инсталацијата „Техно Павер“ и дали сегашниот управител ќе може да одговори на сите адресирани прашања и забелешки во врска со предметната инвестиција“, рече Коцевски.

Во известувањето за намера треба задолжително да биде наведен и предложениот капацитет или големина на проектот, кој во предметното Известување за намера отсуствува, а е клучен при определување на обемот на оцена на влијанието врз животната средина.     

„Сметаме дека локацијата на инсталацијата не ги дозволува предложените активности затоа што согласно член 77 став 1 од Правилникот за урбанистичко планирање, цементарниците припаѓаат на Класа на намена Г1.4 – Тешка градежна индустрија и производство на неметали: цементари. Населбата Превалец не е дел од Генералниот урбанистички план на град Велес и моментално населбата не е покриена со важечка урбанистичка планска документација. Новиот Генерален урбанистички план во кој ќе се предвиди и класата на намена и ќе ја опфати и предметната локацијата е во фаза на подготовка, но тоа е долг процес кој нема да заврши во брзо време. Во отсуство на планска документација за предметната локација, добивањето на Одобрение за градење е невозможно. Инвеститорот пред да ја купи инсталацијата требало да се консултира со Општина Велес, но тој побара средба откако ја купил фабриката“, додаде Коцевски.

Во производниот процес ќе се продуцира емисии на прашина, јаглероден диоксид и гасови при согорување на фосилните горива, е наведено во Изветувањето за намера. Индустријата за цемент е втор по големина емитер на јаглерод диоксид, емисијата на азотен оксид е значајна во ова производство. Сулфур диоксидот се формира во ротационата печка, а јаглероден моноксид се јавува во издувните гасови од ротационата печка за производство на цементен клинкер. При производството на клинкер се емитираат диоксини и фурани, а во помали количини може да се јават полихлорирани ароматични јаглеводороди, бензен, толуен, етил бензен и ксилен во помали количини, како и тешки метали (талиум, кадмиум и жива).

Процесот предвидува поставување на систем на филтри, надополнети со системи за микрофилтрација, во ваков производен процес, а во услови кога на предметната локација во функција на производството на цемент ќе се користат и отворениот коп за експлоатација на варовник, кој учествува со 80% при производството на цементен клинкер со постројки за дробење и сепарирање на варовник, влијанието врз животната средина се зголемува.

„Затоа, Општина Велес е на мислење дека оваа локација заради кумулативниот ефект на загадувачки материи на локацијата од постоечкиот каменолом, не може да издржи дополнително оптоварување на животната средина со дополнителни загадувачки материи. Особено загрижува податокот дека процесот ослободува диоксини и фурани кои во нашата држава не се мерат, па цементарниците од овој вид мораат да ангажираат акредитирани лаборатории од странство, а кои СЗО ги класифицира како можен карциноген за луѓето, кои предизвикуваат имунолошки и ендокрини проблеми и влијаат врз здравјето на луѓето“, потенцираше Коцевски.

На предметната локација, во чија непосредна близина живеат граѓани од населбите Превалец и Тунел се планира изградба на нова цементарница кога изворот на емисии во животната средина, изборот на процесот, контролата на процесот, мониторинг на процесот и во сегашната состојба, а особено заради несоодветната локација не покажуваат дека може да се гарантира исполнување на стандардите за заштита на животната средина и во услови кога кумулативниот ефект на животната средина не може да доволи нови производни процеси и изградба на нови објекти.

Во Известувањето за намера не е земена во разгледување ниту една алтернатива освен постоечката локација.

Општина Велес е против продолжување на оваа постапка за изградба на цементарница на предметната локација, со барање да се предложи друга локација за спроведување на проектот цементарница која ќе биде соодветна и безбедна за животната средина и здравјето на луѓето.

„Потенцирам дека е добро за сите нас да се инвестира во Велес, но на безбедна локација, со современи технологии што нема да го загрозуваат здравјето на луѓето, животната средина и природата. Затоа што, поучени од лошите искуства од тридецениското опасно загадување од поранешна Топилница, никаков профит, никаков економски интерес не може и не смее да биде поважен од здравјето на луѓето“, додаде Коцевски.


ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА НАМЕРА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРОЕКТ

МИСЛЕЊЕ ОПШТИНА ВЕЛЕС