„Општинскиот штаб за заштита и спасување ја прифати иницијативата доставена од група граѓански организации и поединци, со која се иницира создавање услови за поголемо користење на велосипедот како превозно средство и изградба на пешачки и велосипедски патеки, за што Штабот даде целосна поддршка. Се надеваме на добра соработка со Министерството за внатрешни работи – сектор за сообраќај”, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Воедно, градоначалникот потенцираше дека ќе покрене иницијатива до Министерството за транспорт и врски и до Министерството за внатрешни работи да се отпочне со постапка за измена и дополнување на законот за безбедност на патиштата за поинакво регулирање на статусот на велоспидестите во сообраќајот.

Градоначалникот Коцевски ги презентираше и плановите и извести за  намерите на општината да се пренамени и организира делот од улицата „Благој Ѓорев” што сега се користи за паркирање во велосипедска патека.

„Планираме да ја срушиме зградата на Диспанзерот, за што постапката беше сопрена поради отпочнувањето на процедурата за организирање на предвремените парламентарни избори, а со тоа ќе овозможиме времено пракирање. Времено паркирање е предвидено и на десната страна на коритото на реката Вардар на потегот помеѓу ‘Мало мовче’ и мостот ‘Гемџии’. Планираме да го уредиме и паркингот од спротивната страна на влезот на фабриката ‘Брако’”, изјави градоначалникот Коцевски.

Коцевски извести дека „очекуваме да стигне согласноста за измената за Деталниот урбанистички план за пазарот за да можеме да отпочнеме постапка за проектирање и изградба на првата катна гаража во Велес, во близина на автобуската станица”.

За време на следаната седница на Советот на Општина Велес, рече Коцевски, ќе биде разгледана и иницијативата за доделување на субвенции за купување на велосипеди, во висина од 500.000, 00 денари.