Во тек е постапката за инсталирање на преостанатите водомери во село Долно Караслари. Таму во просек се дистрибуира вода од 300 литри на жител на 24 часа, а според европските стандарди потребите за снабдување со вода по жител изнесуваат од 150 до 200 литри вода на жител за 24 часа.

За ова на денешннната прес конференција јавноста ја извести градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

„Сметаме дека со поставувањето на водомерите драстично ќе се намали потрошувачката затоа што граѓаните кои досега плаќаа мала сума, односно паушален износ, сега кога ќе треба да плаќаат реални количини на потрошена вода ќе бидат многу повнимателни со потрошувачката, но за секој случај на водоснабдителниот систем за Долно Караслари ја приклучивме и третата пумпа која досега ја користеше компанијата ‘Маркарт’ за полевање на зеленило, што значи дека сега имаме сосем доволни количини”, изјави Коцевски.

Ова лето се покажа дека инвестицијата која ја реализиравме за село Горно Оризари со замена на старата водоводна линија е успешна и таму воопшто не се јави недостиг на вода, дополни Коцевски.

ЈКП „Дервен” треба да го преземе и системот за водоснабдување во село Иванковци со што и на ова големо населено место ќе му се обезбеди чиста, здрава и безбедна вода за пиење.