Над пет илјади граѓани од Општина Велес ќе имаат придобивки од реализацијата на проектот „Одржлив урбан развој на ромските заедници“ чии почетоци беа денес официјално означени од страна на Хабитат Македонија – организација лидер на проектот.

На денешната презентација што се одржа во просториите на Хабитат Македонија во Скопје, заменик директорката за програмата на Хабитат Македонија, Лилјана Алчева ги презентираше целите, идеите и активностите кои се дел од проектот, вреден над половина милион евра, а е финансиран од страна на Европската Унија и ќе се спроведува во соработка со општините Шуто Оризари и Велес.

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, во својот говор пред присутните нагласи дека Општина Велес како град со многу различни заедници, Ромите се вистински богатство, но за жал многумина од нив живеат во субстандардни услови. „Треба многу да се работи во следниот период за да се подобрат условите за живеење” истакна Коцевски, кој на настанот покрена иницијатива за спроведување акции со кои граѓаните од ромската заедница, преку доквалификација ќе станат квалитетен извор на работна сила во различните индустриски гранки.

Во своето воведно обраќање, Извршниот директор на Хабитат Македонија, Зоран Костов, рече дека се работи за тригодишен, комплексен проект, кој е еден од првите што содржи конкретни активности од областа на социјалната инклузија и домувањето на сограѓаните Роми.

Претставникот на Делегацијата на Европската Унија во РСМ, Нафи Сарачини, појасни дека од овој значаен проект ќе произлезат конкретни резултати во интерес на крајните корисници, а најголем дел од средствата ќе се вложат во промена на начинот на живот во местата каде живеат припадниците на ромската заедница.

Со реализација на овој проект, во Велес ќе се реконструираат различни делови во местата каде живеат сограѓаните Роми, ќе се обезбедат две возила за собирање комунален отпад соодветни за недостапни терени, ќе се креираат нови урбанистички планови и ќе се реализираат различни активности за социјална инклузија на граѓаните од ромската заедница.