На денешната седма седница на Локалниот Економски совет што се одржа во големата сала на Општина Велес, Градоначалникот Аце Коцевски пред стопанствениците ја соопшти предлог одлуката на Општина Велес за олеснувања за бизнис секторот кој се соочува со криза поради Ковид-19.

Како што рече Коцевски, општината може да му помогне на бизнис секторот со намалување на висината на комуналната такса за фирма, за користење на просторот пред деловни простории, како и комуналната такса за користење на музика во јавни локали. Предлог – одлуката ќе се најде на дневен ред на претстојната седница на Советот на Општина Велес. 

Коцевски ги информираше членовите на ЛЕС дека за жал денеска во Велес се регистрирани нови шест лица заболени од Ковид-19 и апелираше до менаџерите на компаниите да ги почитуваат мерките за обезбедување на дистанца на вработените, носење заштитна опрема и користење на средства за дезинфекција.

Присутните членови на Локалниот економски совет ја поздравија предлог –одлуката и поддршката од општината во овој кризен период за сите компании. Како што беше констатирано на седницата, најпогодени се туристичкиот и угостителскиот сектор, но сите компании се соочуваат со предизвици.

На седницата, Коцевски ги информираше присутните и за претстојните  најзначајни капитални инвестиции меѓу кои реконструкцијата на новиот градски пазар,  проектот за изградба на катна гаража на постојниот паркинг кај бифе „Хајдук“ (Ингилиз) и изградбата на деветкатница со станбен и деловен простор на местото на стариот театар.

На седницата стопанствениците побараа поддршка од општината во барањето за забрзување на долгите процедури за носење на детални урбанистички планови, комплексните процедури за поставување на фотоволтаични панели на кровни конструкции, како и за прогласување на денот недела за неработен ден. Како што нагласи Коцевски, Општина Велес останува отворена, во рамките на своите можности и во соработка со ЗЕЛС да им излезе во пресрет на стопанствениците. Тие ќе имаат можност до денот на одржувањето на седницата на Советот да даваат предлози за финализирање на предложената одлука за намалување на висината на комуналните такси.