На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја информираше јавноста дека Организацискиот одбор на „Рациновите средби”, на одржаната седница по електронски пат, односно преку видео линк, донесе Одлука за избор на добитници на Почесното Рациново признание за 2020 година.

Годинава наградата се доделува на проф. д-р Виктор Фридман од Чикаго, САД и проф. д-р  Јоуко Сакари Линдстет од Хелсинки, Финска.

Проф. д-р Фридман е познат светски лингвист, македонист и славист, редовен професор по славистика и балканистика на Универзитетот во Чикаго и афирматор на македонскиот јазик, лингвистика и македонистика во целина, како во САД, така и во светот.

Проф. д-р Линдстет е професор по филологија  на Универзитетот во Хелсинки од 1986 година, учесник во проектот „Денешната лингвистичка мапа на западниот дел од регионот Виа Игнација”, раководител и главен истражувач на значајниот проект „Кониковско евангелие” и на многу други проекти.

Организацискиот одбор на 57. издание на Рациновите средби, во состав, Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, претседател и членовите проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Гоце Ристовски и Стефани Андреевска, дипл. професор по македонски јазик и книжевност, одлучи признанието да се додели на овогодинечните добитници во знак на благодарност за афирмацијата на македонскиот јазик и македонската лингвистика во многу земји во светот.

„Научните истражувања и на двајцата добитници покажуваат  дека македонскиот јазик  и неговите дијалекти  се афирмираат во светските научни  центри, односно  македонскиот јазик се афирмира како  посебен јазик и претставува предмет на исклучително  научно интересирање поради својата поврзаност со балканските јужжнословенски и несловенски јазици” истакна Коцевски.