Маски, Гемиџии, Блажена, Игра, Балерина и Ангел се имињата на новите 6 скулптури кои ќе ги красат јавните површини во нашиот град. Во периодот од 24 јуни 7 јули 2019 година, шест уметници, скулптори од државата и странство беа дел од првата меѓународна скулпторска колонија „Велес 2019”. Тие изработија шест значајни дела со што создадоа нова урбана естетика во Велес. Денес, во рамки на активностите за одбележување на 9 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, истите беа свечено промовирани.

Во името на велешани, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски изрази благодарност до скулпторите кои максимално се вложија за да ги создадат овие уметнички дела и додаде: „На овој значаен ден, нашиот град ќе биде побогат за шест нови уметнички творби. Велес е град колевка на уметноста.”

Новите урбани скулптури се наоѓаат во Младинскиот парк, во паркот кај Офицерскиот дом и во центарот на градот, а ги изработија академските скулптори Илчо Стојановски од Велес, Горан Ѓорев од Демир Капија, Горан Стаменков од Скопје, Весела Стаменова и Павел Василев од Софија, Република Бугарија и Никола Ненадиќ од Риека, Република Хрватска.

Со употребата на старото железо и мермерот како работни материјали, уметниците испратија порака за зачувување на животната средина, рециклирање и со добра намена да се искористува отпадот.

Поддршка за првата скулпторска колонија „Велес 2019” даде Министерството за култура, Фондацијата „Фокус”, како и компании од градот Пескара „Вел”, Отпад „Дине” и Отпад „Павор” кои покажаа општествена одговорност.