Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денеска потпиша меморандум за соработка со Центарот за Социјални иновации Блинк 42-21 за користење на мобилна апликација М-заедница.

Апликацијата ќе обезбеди можност жителите на Општина Велес да комуницираат со вработените во општинските одделенија и сектори со цел да изнесат проблем, предлог или иницијатива и да бидат вклучени во носењето одлуки за заедницата. Со мобилната апликација ќе се обезбеди дигитализација на дел од услугите кои ги дава општината како и систем за обработка на податоци кои произлегуваат од корисниците на апликацијата.

Градоначалникот Коцевски изрази голема благодарност што токму Општина Велес  ја добива можноста да ја користи апликацијата. Тој истакна дека Општина Велес е во чекор со најновите современи технолошки достигнувања. Таа е првата општина во која се имплементираше електронскиот систем на водење на седници на Советот на Општина Велес и прва општина по чиј модел се отворија Граѓански сервис центри во други општини во државата.

Освен во Велес апликацијата М-заедница ќе се користи и во општините Карпош и Валандово.