Со звуците на познатите македонски песни и специфичностите на македонскиот традиционален фолклор, вечерва Културно уметничкото друштво „Керамичар” од Велес одржа втор концерт, со што ја одбележа 65-годишнината од своето постоење и успешно делување.

Под името ,,Трагите на традицијата и фолкорот во нас “, во преполната спортска сала на ООУ „Блаже Конески”, велешани имаа можност да го проследат јубилејниoт целовечерен концерт на препознатливиот велешки бренд, ансамблот ,,Керамичар”.

Покрај настапот на солистите и фолклорните групи на домаќинот КУД „Ќерамичар”, програмата беше збогатена и со настапите на КУД „Тодор Јанев” од Чашка, КУД „Гоце Марковски” од Скопје и настапот на француската група „Кутерн” од Алзас.

Како и вчерашниот, така и овој концерт e во рамките на официјалната програма на Општина Велес за одбележување на 11 Октомври, Денот на народното востание и јубилејот 40 години од отворањето на Спомен-костурницата.