Како што информираше на денешната прес конференција градоначалникот Коцевски, идејата за организарање на првото Drive in cinema од отворен карактер во нашата држава е резултат на креативноста на група млади ентузијасти, кои сакаат со иновативни идеи да придонесат разни можности за рекреација и забава на младите, па и на повозрасните сограѓанки и сограѓани оваа летна сезона.

Организатор е младинското здружение Transparent Future, а имаат за цел да реализираат различни настани од општествен и хуманитарен карактер, со што ќе им овозможат на младите корисно да го пополнат своето слободно време.

Настанот кој ќе се одржи на 4 јули 2020 година (сабота), на паркингот пред маркетот „Кид Го” (поранешен маркет „Туш”) е поддржан од Општина Велес, а ќе биде прикажан акциониот филм „Судар” (Collide).

Собраните средства, како што највуваат организаторите, ќе бидат донирани во хуманитарни цели, а сите детали во врска со овој настан се објавени на социјалните медиуми.

„За да го заштитиме јавното здравје и да покажеме свест и одговорност во овие тешки времиња, организаторите и ние како општина, препорачуваме почитување на сите мерки пропишани од Министерството за здравство, со цел заштита и превенција од ширење на вирусот”, потенцираше Коцевски.