Општина Велес е единствената општина во државата која е вклучена во проектот Монументал мк – Тура за споменици и бруталистичка архитектура во Северна Македонија. На денешниот завршен настан на проектот што се одржа во големата сала во Општина Велес беа презентирани содржините на проектот како и сувенирите изработени во рамките на проектот. Спомен костурницата во Велес, заедно со уште триесетина монументални објекти се наоѓа на  Туристичкиот водич што го изработи Институтот за стратешки истражувања и едукација. Овие уникатни објекти, со огромно историско значење, можат да се најдат и на мобилната апликација MONUMENTAL MK. Апликацијата нуди уникатно искуство поврзано со подзаборавеното архитектонско наследство.

Спомен-костурницата на паднатите борци од Народноослободителната борба се наоѓа во непосредна близина на автопатот „Пријателство“ и претставува идеална можност за попатна пауза.

„Се надевам дека преку овој проект ќе се постигне уште поголема промоција на значењето на Спомен костурницата и ќе биде уште попривлечна за домашни и странски туристи“, рече Аце Коцевски, Градоначалник на Општина Велес.

Институтот за стратешки истражувања и едукација, во рамки на проектот, издаде туристички водичи достапни на пет јазици, бесплатна мобилна апликација, интернет страница и промотивни сувенири.

„Целта на проектот е да ја возобновиме бруталистичката архитектура на земјите од Балканот, да ја поврземе како и да ја промовираме пошироко и да ја направиме видлива. Станува збор за различни објекти, споменици, покрај кои секојдневно минуваме“, рече Д-р Дарко Спасевски, Проектен менаџер.

Проектот Монументал мк – Тура за споменици и бруталистичка архитектура е финансиран од Европска Унија.