На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, ја информираше јавноста за состојбата во врска со Коронавирусот во Велес и велешко и дополни дека „нема место за паника, сè е ставено под контрола, состојбата не е алармантна и со анкетите се откриени изворите на заразата”.

Според информациите од денешната, дванаесетта седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, вкупната бројка на заразени  во Велес и велешко, заклучно денешниот ден  е 111 лица, од нив  48 активни случаи,  56 се целосно оздравени со 2 негативни теста  и 7 починати.

Има две новозаболени лица во последниве 24 часа, три пациенти се оздравени со два негативни тестови, а за едно лице се чека потврда. Во наредниот период се очекува целосна потврда за оздравување на уште седум лица на кој првиот земен брис  им бил негативен.

Во текот на вечерта почина едно лице над 70 годишна возраст од Велес  во Клиничкиот центар во Скопје и истиот долго време бил поврзан на респираторна машина.

Во Велес има 25 хоспитализирани лица и 23 лице  на домашно лекување, а од нив 21 лице  е на Инфективната клиника  во одделение во Велес, а 4 лица се во Инфективната клиника во Скопје.

Од денешните заболени потврдено е дека едниот е од конфекцијата Јука, но според искажувањата на инфектиолозите кој направиле анкета  тој 16 дена не одел на работа и затоа не може со точност да се утврди како се заразил, од кој контакт или лице.

Градоначалникот ја потврди одличната меѓусебна соработка помеѓу јавните и приватните здравствени установи со итната медицинска помош.

„Од Министерството за внатрешни работи добивме информација дека 26 лица потпишале изјава за самоизолација, а во согласност со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во самоизолација се наоѓаат 89 лица,  7 лица од Велес и велешко  се во карантин во разни државни карантини во градовите низ државата” истакна Коцевски. Во карантин, во хотел „Монтенегро” се згрижени 80 лица, а двајца полицајци и двајца припадници на Армијата вршат 24-часовна контрола на самиот објект.