Општинскиот штаб за заштита и спасување донесе заклучок Малиот пазар во Нова населба  да остане затворен, а за Градскиот пазар останува одлуката да работи секој ден, а продажбата на производите да се одвива со реорганизација по денови.

Дванаесет лица кои се позитивни сместени се на Инфективното одделение во болницата во Велес, а за едно лице се чекаат резултатите од земениот брис. Сите овие лица се во стабилна состојба и не се на кислородна поддршка.

Според информациите добиени од МВР – СВР Велес, од 1 до 4 јуни изречени се прекршочни казни за неносење на заштитна опрема на 96 лица. 63 лица се наоѓаат во самоизолација, четири се со наредба за самоизолација, а три лица од Велес се сместени во државни карантини во други градови во државата.

„Во државниот карантин мотел „Монтенегро” во Велес се сместени 97 лица, од кои денес ќе си заминат 33 и ќе останат уште 34” изјави Коцевски.

Градоначалникот Коцевски потенцираше дека од 29 мај до денес во угостителските објекти, претставници од МВР – СВР Велес, заедно со државниот пазарен инспекторат имаат реализирано шест асистенции. Притоа е констатирано дека нема прекршувања  на пропишаниот протокол за работа на угостителските објекти, со исклучок на „Пабот” кадешто постојано се злоупотребува јавниот простор (тротоарот), со што се загрозува здравјето и безбедноста на населението.

Од Општинската организација на Црвениот крст од Велес иформираат дека помеѓу двете седници на Општинскиот штаб за заштита и спасување извршен е еден повик за достава на храна на стари и изнемоштени лица и психосоцијална помош е пружена на четири лица. На три лица кои се наоѓаат на Онколошката клиника од Скопје, а кои се жители на Велес им се доставени лекови.

Исто така градоначалникот Коцевски информираше дека на 30 мај од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) се обезбедени 198 пакети со прехранбени и исто толку пакети со производи за лична хигиена кои се поделени во селата Бузалково, Сливник, Горно Оризари, Црквино, Чолошево и други, а остануваат уште два пакети да се однесат во селото Рудник.

Коцевски упати јавна благодарност до сите здравствени установи од градот, Центарот за социјална работа, припадниците на безбедносните служби и сите кои се вклучени во борбата за подобрување на состојбата со пандемијата предизвикана од коронавирус (Ковид-19).