На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја извести јавноста за заклучоците и одлуките донесени на денешната деветта по ред седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување, како и за спроведувањето на претходно донесените мерки и активности за заштита од ширење на коронавирусот во општината.

Градоначалникот Коцевски ја пренесе констатацијата на Општинскиот штаб за заштита и спасување дека состојбата во Велес е добра и соодветно се постапува, како и информацијата дека во текот на денешниот ден нема регистрирано новозаболени од коронавирусот.

„Центарот за јавно здравје продолжува со вообичаената работа и постапка за земање брисови, а направени се дополнителни инспекциски контроли, како и четири дезинфицирања на маркетот ‘Кит-Го’, како мерки за заштита” додаде Коцевски.

Во ЈЗУ Општа болница – Велес згрижени се 22 болни лица, од кои еден пациент е со потешка клиничка слика. Во Здравствен дом двајца се сè уште во излолација.

„Од МВР – СВР Велес сме известени дека велешанки и велешани ги почитуваат законските прописи кои важат за овој период. Со помош на ЈКП Дервен, Територијалната противпожарна единица – Велес, вработените во ЈП „Парк – спорт” и волонтерите од ОО на Црвен крст – Велес, општината добро се справува со состојбата и за сега нема потреба да бараме помош и поддршка од припадниците на Армијата. Но доколку нависитна имаме потреба од асистенција, Армијата стои на располагање”, истакна Коцевски.

Градоначалникот Коцевски потенцираше дека Градскиот пазар е добро организиран и дека 80% од отворените пазари во државата се затворени, но Општина Велес презема добри мерки за претпазливост и за организирање на работата на пазарот и дека на ист начин ќе продолжи со работа пазарот и во наредниот период.

„Завршена е дезинфекцијата на скоро сите станбени згради, континуирано се врши дезинфекција на јавно-прометните површини, се чистат дивите депонии во градот, се врши дезинфицирање на населените места, а непрекинато со дотур на вода за пиење се снабдува населеното место Сопот” додаде Коцевски.

Градоначалникот информираше дека мобилните екипи на ОО на Црвен крст – Велес континуирано работат и се на терен за потребите на жителите. Извршени се 12 набавки за лекови и храна, осум асистенции за психосоцијална помош се пружани, распределбата на хуманитарните пакети се врши со поддршка на волонтерите на ОО на Црвен крст – Велес, како и со волонтерите и возилата на ОЈУДГ „Димче Мирчев”. Додека пак „Хабитат Македонија” и Црвен Крст на државно ниво обезбедија хуманитарни пакети наменети пред сè за социјално ранливите категории граѓани од Ромската етничка заедница. Лекарот – волонтер интервенирал во два случаи.

„Велешанки и велешани ја потврдија својата хуманост на неодамнешната крводарителска акција при што 63 крводарители даруваа крв, а тоа е повеќе од очекуваното” истакна градоначалникот и воедно изрази благодарност во името на сите жители на Општина Велес.