Во Големата сала на Општина Велес вчеравечер се одржа промоција на пишаното дело на м-р Трајче Малинов, со наслов „Ало Тончов – Бардот на велешката чалгија“. Во книгата е претставена чалгијата како музички феномен, автохтона за Велес и Македонија од 19 век па сѐ до денес.

Покрај општите податоци за чалгијата, во ова стручно книжевно дело, претставен е ликот на Алексо (Ало) Тончов, како врвен инструменталист – виолинист, кој со својата мајсторија на инструментот и чалгиската свирка бил познат и признат не само во Велес туку и во целата држава.

Покрај пишаниот збор, во книгата на Малинов има бројни фотографии, мелографирани и нотирани примери од песните и ората што се изведувале на свадбите и веселбите, како и мелоритмичка обработка на истите.

Книжевното дело е слој од неколку поглавја, општ дел наменет за целата популација како и стручна обработка на нотни примери, нивна метричка и формална структура.

Промоцијата се реализираше во соработка со Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“.