Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денес оствари работна средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Н. Е. Кејт Мари Брнз.

Средбата претставуваше исклучителна можност за размена на идеи и можности за подобрување на долгогодишната соработка помеѓу Општина Велес и амбасадата на САД.

Градоначалникот Коцевски, меѓу другото, информираше и за тековната состојба на локалната економија и предизвиците со кои Општина Велес се соочува поради актуелната ситуација со Covid-19 кризата. Тој посочи дека општината и во услови на пандемија не застанува со реализација на проектите кои се од исклучително значење за подобрување на животот на сите жители на Општина Велес, посочувајќи ги приоритетите на општината за тековната, но и за следната година.

Амбасадорката Брнз и Градоначалникот Коцевски разговараа и за предизвиците со кои се соочуваат општините, за реформите на системот на локална самоуправа и за продолжување на процесот на децентрализација на власта.

Градоначалникот се заблагодари на амбасадорката за искажаната загриженост во врска со штетите предизвикани од невремето што минатиот викенд зафати делови од територијата на Општина Велес. Тие, исто така, разговараа колку за Општината е важно вложување во и реализација на проекти кои се иновативни и кои вклучуваат современи технологии.

Од двете страни беше афирмирано долгорочното пријателство помеѓу двете земји и поддршката која САД ја дава преку амбасадата на Општина Велес.