Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски денес остварија работна средба при што разговараа за актуелните состојби и приоритетите за 2020 година во врска со животната средина во општината.

Функционирањето на мерната станица, состојбата со концесијата за депонијата од олово-цинкова згура, начинот на затоплување во јавните институции и мерките кои Општина Велес ги спроведува и ќе продолжи со нивно имплементирање во иднина за зачувување на животната средина, беа дел од темите за кои разговараа Коцевски и Макрадули.

По работната средба, градоначалникот и заменикот министер го посетија ООУ „Панко Брашнаров” каде извршија увид во градежните работи кои се спроведуваат за замена постоечката дрвена столарија со ПВЦ. „Преку програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година на Владата на РСМ, Општина Велес обезбеди средства во вкупен износ од 955.800,00 денари со вклучен ДДВ кои се наменети за замена на дотраените прозори и кои многу долго беа проблем на учениците и на наставниот кадар во ова училиште” рече градоначалникот Коцевски, кој надополни дека општината во моментот работи и на неколку други проекти за реконструкција и на други образовни институции.

„Овој проект овозможува замена на дваесет и седум стари, дрвени рамки на прозори, со што ќе се подобрат условите за работа на училиштето, а со тоа се придонесува училишната зграда да биде енергетско ефикасен објект”, изјави пред медиумите заменик министерот за животна средина, Макрадули.

Градежните работи започнаа минатата седмица, а изведувач на работите е „МИ Комерц 2000” од Кавадарци .

Во рамки на работната посета на Велес, градоначалникот Коцевски и заменик министерот, Макрадули направија увид во градежните работи на пристапниот пат кој Општина Велес го изгради во близина на локалитетот „Пешти” во 2019 година.

„Јадрото на Планот за чист воздух е справување со изворите на загадување. Институциите се будни и ја вршат својата работа. Со користење на модерни технологии и европски познати пракси можеме полесно да се справиме со причинителите на загадувањето” потенцираше Макрадули.

Преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој од програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 год, Општина Велес обезбеди финансиска поддршка од вкупно 14.939.155 денари за изведба на пристапен пат во должина од 2,6 км, при што учеството на Општина Велес изнесува 2.278.854 денари. Доколку обезбедиме дополнителни финансиски средства, размислуваме да го адаптираме просторот и за спортски активности, секако внимавајќи на законските прописи за ненарушување на животната средина во околината. Најголем проблем овде се дивоградбите кои не се легализирани и сме во постојан контакт со државните институции за понатамошно постапување според законските можности. Крајбрежниот појас е заштитен и нема да одстапиме од тоа” изјави Коцевски. Заменик министерот Макрадули се заложи дека согласно законите целото ова подрачје ќе биде заштитено. „Државата изобилува со убавини, а човекот не се однесува соодветно. Проценки ќе направиме за да се утврди површината и потенцијалите на локалитетот за да го прогласиме за заштитено подрачје” информираше Макрадули при денешната посета на локалитетот „Пешти”.