„Пред граѓаните се обврзав да работам со голема љубов и посветеност, одговорно, чесно, транспарентно. Дадов збор дека ќе работам домаќински и дека парите на даночните обрзници ќе ги трошам наменски, според претходно утврдени приоритети за да се подобри квалитетот на живот“, рече градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес конференција посветена на резултатите од изминатите 2 години мандат.
Тој ѝ соопшти на јавноста дека општината ја преземал со огромни долгови во висина од 2.749.954 евра како и кредит од Светска банка во износ од 607.138 евра или вкупно 3.375.092 евра. „Како одговорен човек одлучив да ги враќам долговите и да градам колку што беше можно“, рече Коцевски. Тој нагласи дека драстично ги намалил трошоците за репрезентација од фантастични 21.144 евра во 2016, на само 1.701 евра во 2019, како и трошоците за гориво кои во 2016 изнесувале 17.000 евра, а годинава речиси двојно помалку 9.635 евра.
Покрај домаќинското работење со парите на граѓаните, Коцевски нагласи дека најзначајни резултати постигнати во двегодишниот мандат се постигнатата бројка од 680 градежни зафати и обезбедените средства за инфраструктурни проекти во висина од над 2,5 милиони евра што историски е наголемиот резултат на Општина Велес во областа на управувањето со проекти. Градоначалникот ги презентираше најзначајните завршени и тековни проекти како улицата „Самоборска“, системот за водоснабдување во индустриската зона „Мамутчево“, изградбата на патната инфраструктура во повеќе населени места како и тековниот проект „Смарт езеро Младост“ вреден над 1 милион евра.
„За сите оние што критикуваат дека ништо не е направено во Велес, би сакал да им посочам дека според истражувањето на Центарот за развој на вардарскиот плански регион состојбите во селата во сеуште се многу лоши. Од 29 села патна инфраструктура има само во 41.3% или во 12 села, водовод во 37.9% или 11 села, канализација само во 24.1% или 7 села, а пречистителни станици во само 10% или 3 села. Незамисливо е во 21 век жителите да газат по кал и да се подложени на заразни болести заради недостиг на чиста и здрава вода за пиење. Затоа и првиот дел од мандатот го посветив на надминување на овие катастрофални состојби. Овие проекти се приоритет и за донаторите и затоа се најзастапени“, рече градоначалникот.
Тој ги презентираше и сите постигнати резултати во областа на културата, социјалната, заштита, спортот и нагласи дека по децении стагнација ЈКП „Дервен“ денес има обновен возен парк и механизација во вредност од 925.955 евра.
Градоначалникот Коцевски денеска ги покани граѓаните да му се придружат во заложбите за развој на Велес во наредниот период. „Ве поканувам да бидете дел од патот кон иднината на Велес и како и досега да ни помогнете со вашата креативност и посветеност на својот роден град“, рече Коцевски. Тој ја извести јавноста дека сите факти и бројки ќе можат да ги видат во презентацијата посветена на резултатите од двегодишниот мандат. Од денеска презентацијата ќе биде достапна на официјалната веб страница и профилот на Општина Велес на социјалната мрежа „Фејсбук“.