Во чест на споменот на поетот на вечноста, Коста Солев Рацин, делегации положија свежо цвеќе на Спомен Костурницата. Пред паметникот се поклонија Градоначалникот Коцевски, членови на Советот на Општина Велес, претставници на АРМ, членови на семејството на Рацин, претставници на јавни институции и училишта. Велес деновиве живее во духот на големиот Рацин, а стиховите поезија одекнуваа во градот.
Во чест на Рацин стихови рецитираа писатели од велешкиот клуб на писатели што го носи неговот име и од Друштвото на писатели на Македонија.
Нови садници во Рациновата шума засадија добитникот на Рациновото признание Милован Стефановски и во име на добитникот на Почесното Рациново признание, Стефани Андреева.
Чествувањето на Рацин продолжи со положување на свежо цвеќе пред спомен обележјата во центарот на градот и пред споменикот во Гимназијата „Кочо Рацин“.
58-то издание на Рациновите средби свечено беше отворено на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот, кога пред присутните гости се обрати Градоначалникот Коцевски.
„Рацин повторно не собра, по 58 пат. Тоа во континуитет, без прекин, може да го прави само грандиозно поетско име како Рацин кое оставило во наследство дела и дострели со ненадминливи вредности“, истакна Коцевски.
Традиционалниот поетски митинг годинава обедини 15 поети на интернационална платформа. Честа да го отвори Меѓународниот поетски митинг му припадна на проф.д-р Атанас Вангелов. Со свои песни се претставија Искра Пенева, Глигор Стојковски Наталија Неделкова, Владимир Мартиновски, Делвина Крлуку, Игор Крајчев, Зденка Валентиќ Белиќ, Ѓоко Здравески, Лучила Трапацо, Татјана Вујовиќ Костиќ, Михајло Свидерски, Лејјла Шериф, Роза Бојанова и Стефан Марковски.
Свеченото отворање на 58-те Рацинови средби беше збогатено со вокално инструменталниот концерт на македонските музички амбасадори, Ансамблот за народни песни и игри „Танец“.