„Со задоволство сакам да ја известам јавноста дека околу 100% од засадените садници што минатата година во месец декември беа посадени на опожарениот просотор на езерото Младост, успешно се зафатени” изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Градоначалникот изрази благодарност за дадениот придонес до сите поединци, организации и општествено – одговорни компании, кои несебично се вклучија во донирањето и во акцијата за пошумување Претседателот на РСМ, г-дин Стево Пендаровски, претставници на Собранието на РСМ, претставници на АРМ, „Халк банка”, „Три Банкс“ – Скопје, „Маркарт Македонија”, аптеки „Зегин Фарм”, АТУ „Македонија”, „Жито маркети“ од Велес, „Ротари клуб“, Велес, ОО на Црвен крст – Велес, ЗГ „Акцијаш-ветерани“, Извиднички одред „Димитар Влахов”, ученици од Република Романија,  ученици од ООУ „Рајко Жинзифов” и ООУ „Блаже Конески”, ШС „Бабуна”, ОЈУДГ „Димче Мирчев”, членовите на Советот на Општина Велес, како и до сите други кои се вклучија во оваа акција, а бидејќи претстојат високи летни температури ги повика да помогнат во наводнувањето на сопствените посадени садници, доколку се во можност.

„Со цел да се зачуваат садниците засадени во околината на езерото, сите ние треба да имаме во предвид дека ни претстои најтешкиот период, садниците да го издржат првиот налет на високите летни температури. Упатувам апел до сите општествено-одговорни компании, невладини организации и поединци кои помогнаа во пошумувањето, доколку се во можност да помогнат во наводнувањето на сопствените посадени садници” апелираше Коцевски.

Градоначалникот Коцевски најави дека следната акција за пошумување е планирана за во месец ноември оваа година,  односно кога временските услови ќе го дозволат тоа.